ВМРО ДПМНЕ, Алијанса и Левица ќе се жалат до Управен суд

25

ВМРО ДПМНЕ, коалицијата Алијанса и Алтернатива и Левица ќе ја искористат и последната инстанца за своите тужби кои ќе ги поднесат до Управниот суд. ВМРО ДПМНЕ бараше рачно пребројување на сите гласачки ливчиња но барањето едногласно беше одбиено од ДИК со образложение дека гласачките ливчиња веќе биле рачно преброени од избирчаките одбори.

И од коалицијата Алијанса за Албанците- Алетрантива велат дека ќе поднесат тужби за сите 150 приговори што ДИК им ги отфрли бидејќи не навеле докази во нив.

„Ќе поднесеме тужби за сите изборни места каде што вкупниот број на гласови е поголем од излезноста, но и за сите мртви луѓе што гласале, иако знаеме дека судовите се на ДУИ“, рече Арбен Таравари, генерален секретар на Алијанса за Албанците.

Партијата Левица поднесе речиси 2000 приговори до ДИК, но повеќе од половината беа без печати. Откако ДИК ги одби, сега претседателот на партијата, Апасиев, најавува дека ќе се жали и до Управен суд, но дека овој пат ќе стави и печат.

„Утре следуваат тужбите до Управен суд. Али, со печат“, напиша лидерот на Левица, Апасиев.

Со хаштази на постот „ве насанкавме“ и „урбанагерила“, Апасиев најавува филибастеринг односно долга расправа за неговите приговори.

Од ДИК велат дека сите решенија за приговорите од партиите ќе им бидат доставени по електронска пошта.

„Истата постапка важи за сите приговори без разлика на епилогот од ДИК дали се одбиени или се отфрлени. Правото да поднесат тужба на сите подносители на приговори останува како право загарантирано од Изборниот законик“, рече Адмир Шабани – портпарол на ДИК.

Управниот суд има рок од 60 часа да одговори на сите тужби, по што ДИК ќе треба да ги соопшти конечните резултати од изборите одржани на 15 јули.

Весна Велкова