ВМРО-ДПМНЕ вечерва излегува на улица против поскапувањето на струјата

23

ВМРО-ДПМНЕ вечерва во 18 часот ќе го одржи првиот од серијата граѓански протести, кои ги најави лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Протестот вечерва е против зголемувањето на цената на струјата. Партијата ги повика граѓаните на протестот, за како што велат, време е за обединување против оваа власт која е мафија и која продолжува да се богати на грбот на народот.

– Наша должност и ова е време кога треба да се биде гласен. Протестот ќе започне во 18 часот пред Министерството за правда и ќе заврши пред Регулаторната комисија за енергетика и ќе бараме да се врати цената на струјата по старо – рече во понеделникот Мицкоски на прес конференција.

Тој ги повика опозициските партии и невладините организации и поединци на формирање опозициски фронт против власта, која во обраќањето ја нарекуваше мафија која се богати преку грбот на народот.

– Можеби имаме различни гледишта и концепти, но нѐ обединува сиромаштијата. Со активен отпор на улица и да протестираме за секоја тема што ги мачи граѓаните. Не смееме да дозволиме богата влада, богати мафијаши, а сиромашен народ. Мафијата не се урива со една битка, туку со многу битки и труд. Ова е почеток на нивниот крај. Ние оттука тргнуваме – рече Мицкоски.

Тој најави дека ова ќе бидат мирни протести, со кои ВМРО-ДПМНЕ ќе биде заедно со народот.

Според партијата, додека граѓаните на Република Македонија се сиромашни и гладуваат, Заев и неговата влада се гоштеваат со октоподи и скапи пијалоци.

– Поради Заев и СДСМ јавниот долг на Република Македонија е енормно зголемен од нивното доаѓање на власт, од третиот квартал во 2017-тата година заклучно со вториот квартал во 2020-тата година за една милијарда и 740 милиони евра или вкупно 11,8%. А, пак државниот долг од 2017-тата година заклучно со вториот квартал во 2020-тата година е зголемен од 3 милијарди 958 милиони на 5 милијарди 561 милион. Тоа се цели 1,6 милијарди евра или тоа е за 11,3%. Катастрофалните мерки на оваа власт предизвикаа драстичен пад од 12.7% на БДП во вториот квартал во 2020 година. Поради СДСМ Македонија бележи и пад во индустријата, увозот и извозот, а невработеноста е зголемена за над 40.000 лица, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму додаваат дека наместо помош Заев на граѓаните им понуди покачена струја за 7,5 отсто.

– Но на ова мора да се стави крај, затоа ВМРО-ДПМНЕ ги повикува граѓаните на протест. Во среда на 9-ти септември со почеток од 18 часот, појдовна точка ќе биде министерството за правда, а ќе заврши пред Регулаторната комисија за енергетика. Време еза обединување против оваа власт која е мафија и која продолжува да се богати на грбот на народот – велат од ВМРО-ДПМНЕ.