ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци оди со Митко Јанчев, за Аеродром, Карпош и Битола ќе се знае за неколку дена

3

ВМРО-ДПМНЕ денеска објави уште десет кандидати за градоначалници со кои коалицијата што ја предводи ќе настапи на локалните избори:

-за Ресен Јован Тозиовски,

-за Крушево Билјана Проеска,

-за Делчево Николчо Стојменовски

-за Ранковце Борче Спасовски

-за Ново Село Ѓорѓе Божинов,

-за Василево Славе Андонов,

-за Дебарца Саше Силјаноски,

-за Кавадарци Митко Јанчев,

-за Зрновци Борчо Коцев

-за Кратово Тодорчо Николовски од Социјалистичката партија

Како критериуми по кои е направен изборот, Антонијо Милошоски кој ја одржа прес-конфренцијата во партиското седиште, ги наведе: програмата за мандатот, анкетите меѓу локалното население и анкетите со можните протиивкандидати.

Одговарајќи на новинарско прашање, дали во случајот со Јанчев се решени недоразбирањата, бидејќи тој беше разрешен од потпретседателската функција поради спротивни ставови со партијата во однос на прашањето како референдумот, Милошоски рече дека Јанчев бил избор на жителите на Кавадарци кои биле анкетирани, но и дека со ова партијата сака да испрати и друга порака:

„Сметаме дека е време за обединување против власта која ја води земјата во погрешна насока. Јанчев е показател дека тоа време за обединување е дојдено на овие избори“,

рече Милошоски.
По вчерашната одлука, ВМРО-ДПМНЕ да ја поддржи Данела Арсовска за Скопје, која собра потписи како независен кандидат, Милошоски рече дека партијата во својата одлука се воделе од тоа дека на градот му треба добар менаџер, а сметаат дека токму Арсовска го има тоа како квалитет според нејзината биографија.

Тој рече дека се надева оти Арсовска ќе ја добие и поддршката од Алијанса за Албанците и Алтернатива со кои ВМРО-ДПМНЕ договори предизборна соработка минатата недела, како и дека ќе привлече и други непартиски гласови.

За 5 или 6 септември Милошоски најави дека ќе ги објават и преостанатите десетина кандидати за градоначалници, меѓу кои и за општините Аеродром, Карпош, Битола…

На полноќ завршува рокот за собирање потписи за независни кандидатури за градоначалници и советници за локалните избори закажани на 17 октомври.

Досега се собрани потписи за 18 независни кандидати за градоначалници, а за уште 15 кандидати продолжува процедурата. Во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК потребните потписите ги собрале и 38 независни групи избирачи за советнички листи, а за 26 се во тек.

Подрачните одделенија и канцеларии на ДИК ќе работат денеска до 24 часот, кога истекува законскиот рок за собирање потписи.

Кандидатурите за градоначалници и за советници до Општинските изборни комисии се поднесуваат до 11 септември.