ВМРО-ДПМНЕ: Дали газдата на пропаднатата фирма „СВ инвест“ е избеган во САД?

15

Оваа фирма ВМРО-ДПМНЕ ја поврзува со случајот со РЕК „Битола“ за која вели дека било барано од „Рубитон“ – добитник на тендерот, да отстапи дел од работата или да плати рекет од 250 000 евра.

„Сѐ погласни се информациите дека газдата на пропаднатата ‘СВ инвест’, кој се поврзува со Вице Заев, е избеган во САД. Газдата на ’СВ инвест‘, Стојан Чифлигароски, според документите што до ВМРО-ДПМНЕ ги доставија свиркачи од врвот на СДСМ е лицето за кое е вршен притисок врз сопствениците на ’Рубитон‘ да ја отстапат работата во РЕК ‘Битола’ или ако не сакаат да му платат 250 000 евра во кеш на Вице. Јавноста уште нема информации каква е поврзаноста на газдата на ‘СВ инвест’ и Вице Заев? Но, и зошто Вице нема дадено исказ во јавното обвинителство?“,
прашуваат од опозицијата.

Пред неколку дена ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција потенцираше и оти фирмата „СВ инвест“ на 22 март годинава објавила отпочнување на стечајна постапка и обвинија дека целта е свесно да ја затворат за не ги поврзуваат со криминалот во РЕК „Битола“.

Опозицијата во денешното соопштение потсетува и на информациите кои првично беа изнесени на брифингот, односно дека фалат делови од пријавата која МВР првично ја составила. Конкретно, според ВМРО-ДПМНЕ, недостасува делот од пријавата каде што претставниците на „Рубитон“ раскажуваат за комуникацијата со лицето Вице Н., со кое требало да се видат и на кое наводно требало да му ги дадат бараните 250 000 евра.