ВМРО-ДПМНЕ: Да се укине техничката влада за Ковачевски да се охрабри за избори

8

Предлагаме да се укине техничката влада за пионот Ковачевски да се охрабри и да излезе на избори, сосе Спасовски, кој ќе му го држи стравот, велат од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што формално бараат законски измени за укинување на пржинската влада.

„На ВМРО-ДПМНЕ ѝ одговараат избори кога и да се случат, но на државата ѝ се потребни веднаш. Македонија, поради СДСМ, е западната во четири кризи од кои не може да излезе со истава гарнитура луѓе кои во и ја внесоа државата во таа ситуација“,велат од опозицијата.

Целта на укинување на техничката влада пред избори е да се скратат изборните рокови. Од партијата на Мицкоски викендот соопштија и дека се подготвени да разговараат и за барањето на помалите партии за една изборна единица.

Заменик-претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, во гостување во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24 посочи дека во овој момент не се потребни предвремени парламентарни избори, туку работа и проекти со цел да се надминат предизвиците од енергетската, економската и здравствената криза.

„Сега нема потреба од предвремени избори, има потреба од работа од менаџирање на кризата, реализација на мерки и проекти од Програмата на влада. Барањето за предвремени избори во овој момент е една несериозна иницијатива од страна на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што се наоѓаме во кризен период и еден вид на непочитување на државата ако било кој политички субјект сега бара предвремени избори“,

истакна Лукаревска.
Потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев, пак, во гостување на „Утрински брифинг“ денеска рече дека со барањето за укинување техничка влада, ВМРО-ДПМНЕ признава дека се спроведуваат фер избори.

„Техничката влада е резултат на преговорите во Пржино, но потребата за неа произлезе од бомбите и од тоа што слушнавме за местење избори, злоупотреба на државен апарат, полиција и слично. Сега кога опозицијата бара да се укине таа, тие свесно или несвесно потврдуваат дека оваа влада и оваа коалиција може да организираат фер и демократски избори“ кажа потпретседателот на СДСМ“, рече Богоев.