ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не дојдоа на дебатата за изборните измени

16

Како и што најавуваа, на денешната јавна дебата за измените на изборниот законик во делот на една изборна единица и отворени листи не се појавија пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Ниту опозициската БЕСА немаше свои претставници на дебатата. Претседателот на Комисијата за политички систем Александар Кирацовски рече дека сите пратенички групи и партии биле уредно поканети.

На дебатата, потребите од една избоарна единица и отворени листи ги образложи пратеничката Лилјана Поповска, од „Иницјативата за една изборна единица“, која рече дека не гледа логични аргументи, зошто некој би бил против отворени листи преку кои граѓаните ќе можат сами да дадат приоритет на добар кандидат, или пак за една изборна единица кога тоа е најдемократски изборен модел.

– Нема аргумент зошто некој би бил против тоа да има 50 проценти жени на листите, кога сега не му е проблем да има 40 проценти, освен ако нема намера да ги укине и тие квоти од 40 проценти. Нема причина зошто некој би бил против една изборна единица кога се знае дека тоа е најправеден и најдемократски модел за избори. Како ќе објаснат кога веќе се толку силни, зошто тие три партии, односно две партии, затоа што едната си стои принципилено на ставовите, сега мислат дека ќе и се смени моќта со еден, двајца или тројца пратеници помалку колку што покажаа последните симулации – рече Поповска.

На јавната дебата учествуваа и претставници на Државната изборна комисија. Јанакие Витановски посочи дека Комисијата е подготвена да спроведе избори без разлика дали ќе има изборна единица или шест.

– Ние сме спремни да ги организираме изборите, без разлика дали тоа ќе биде со една или шест изборни единици. Можеби ако има една изборна единица ќе ни треба нов софтвер. Ви посакувам успешна работа, ова е добра дебата за развој на демократијата во Република Северна Македонија – рече Витановски.

Претходно на пресконференција координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски посочи дека е кратко времето за измени во Изборниот законик.

– Заклучоците ниту се обврзувачки за Собранието ниту се деловнички. ВМРО-ДПМНЕ го кажа својт став по однос на поднесувњето на Изборниот законик. На два месеци пред одржување на изборите со голем број на забелеши од ОБСЕ и ОДИХР, кои не се отстранети, да се менува изборниот зкаоник, повторно е полиитчки блеф и е едно од многуте ветувања на Зоран Заев, кои тој ги даде, а не успеа да им ги испорача на граѓаните – рече Мицевски.

Собраниските служби треба да архивираат уште половина од поднесените 10 илјади амандмани од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.