ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски го полни Буџетот на грбот на граѓаните

2

За два дена заради Ковачевски цените на горивата се зголемија за 12 денари, а тој го полни Буџетот на грбот на народот, стои во реакцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако од вчера престанаа да важат антикризните мерки за нула отсто ДДВ за основните прехранбени продукти и намалување од 18 на 10 отсто ДДВ за нафтените деривати.

„Од вчера граѓаните се соочуваат со енормен ценовен шок. Владата не ги продолжи мерките и сега цените на основните производи на граѓаните се поскапи за најмалку 5 проценти. Со нови цени е маслото кое достигна над 160 денари и лебот кој чини и по 40 денари, новата цена на брашното достигна 60 денари, шеќерот 60 денари, 10 јајца над 100 денари. Само пред два дена литар дизел се чинеше 86 денари, а од денес истиот е 97,5 денари, литар бензин пред два дена се продаваше по цена од 97 денари, а сега се продава за 109 денари. Тоа е зголемување за 12 денари за два дена“,стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Власта, како што додава партијата во соопштението, се правда и бара алиби ви други, но вистина е, како што велат, дека во Македонија како во ниедна земја во регионот, се случува економска катастрофа.

„Имаме најнизок раст на БДП, имаме галопирачки раст на долгот, имаме една од највисоките стапки на инфлација, имаме половина милион жители кои живеат со 150 денари во денот и 35 проценти од граѓаните во ризик од сиромаштија“,велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Ова, како што додаваат, е поразителната реалност која најкорумпираната и најнеспособната власт на СДСМ и ДУИ нема да ви ја кажат кога ќе се правдаат дека кризата е увезена, затоа, заклучуваат дека се потребни предвремени парламентарни избори.

Во меѓувреме, од СДСМ велат дека претстојат нови мерки и различни форми на помош за граѓаните и за компаниите, а во тој правец, додаваат, е ребалансот на Буџетот преку кој се обезбедуваат 76 милиони евра помош на граѓаните и стопанството, како и дополнителни 52 милиони евра за земјоделството, за повисоки плати и пензии.

Вчера, Владата најави дека со ребалансот на Буџетот ќе биде донесен нов сет антикризни мерки кои ќе бидат потаргетирани, односно ќе бидат насочени кон ранливите категории граѓани и стопанството.

Овој пристап, како што додаваат од Владата, има за цел да се заштитат оние на кои поддршката им е најпотребна и да се обезбеди праведна распределба на средствата. Освен тоа, една од целите е, како што велат, да се задржи патот на постепена фискална консолидација – што е од големо значење за задржување на стабилноста на јавниот долг и стабилноста на економијата воопшто.

Инаку од вчера престанаа да важат претходните антикризни мерки на Владата според кои основните прехранбени продукти – лебот, млекото, јајцата, брашното тип 400, шеќерот и маслото за јадење се продаваа со нула отсто ДДВ, а горивата се продаваа од 18 на 10 отсто ДДВ. Откако истече времетраењето на владината антикризна мерка, од вчера цените на основните прехранбени производи се покачени за два, три, пет, па и дваесет денари, во зависност од производот и од производителот, а горивата се покачија за над девет денари.