ВМРО-ДПМНЕ: Комисијата да ги каже епидемиолошките цели заради коишто ги предлага мерките

20

Кога веќе објавуваат мерки потребно е Комисијата за заразни болести да ги каже епидемиолошките цели, заради коишто ги предлагаат мерките, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.

Според нив, треба да се објави исто така и за кое време се планира да се постигнат тие цели, а во спротивно, сѐ што прави Комисијата и министерот за здравство, Венко Филипче, е само пиар.

Од партијата оценуваат дека новиот пакет мерки, кои денеска Владата ќе ги разгледува на седница, се во стилот „после свадба тапани“.

„Наместо да ги навикуваат граѓаните секојдневно да слушаат дека се починати по 20, 30 или и повеќе од 40 лица, наместо да ги навикнуваат дека бројката на новозаболени секој ден е околу 30 проценти и повеќе од бројот на тестирани, по изборите во Штип и Пласница им текна нивната Комисија за заразни болести да предложи некакви мерки. Филипче и Заев убедливо рушат црни рекорди на европските и на регионалните листи. На европската листа Македонија е на врвот или сега петта во Европа по бројот на починати лица од корона на милион жители“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата порача дека е време за одговорност и за оставки.