ВМРО-ДПМНЕ најави амандмани за Законот за јазиците

13

Додека партиите кои гласаа за усвојување на Законот за употреба на јазиците не можат да најдат сили за негово повторно разгледување, ВМРО ДПМНЕ ќе предлага амандмани согласно препораките на Венецијанската комисија. Христијан Мицкоски ја повикува Владата и сите други политички партии да ги поддржат амандманите на опозицијата, со цел Законот да стане уставен и да се отстрани дискриминацијата за јазиците на другите етнички заедници. Се очекува во текот на следната недела опозицијата да ги достави амандманите до Собрание.

Албанската опозиција пак останува на ставот дека албанскиот јазик треба да биде уставно официјализиран за да се стави крај на злоупотребите за политички поени. Движењето Беса бара унифицирани ставови на албанските партии, со цел официјализирање на албанскиот јазик со Уставот.

За жал, оваа ситуација ќе се злоупотреби и продолжува да се злоупотребува за предизборната состојба во која се наоѓаме. Јас и порано повикував албанските партии да седнат и да заземат заеднички став како парламентарни партии“-изјави Билал Касами, претседател на движењето Беса.

Потпретседателот на Алијансата за Албанците, Елми Азири, вели дека коалициските партнери инсценираа внатрешен конфликт за да ги прикријат неуспесите во реформите. Според него, по 12 април албанскиот јазик ќе биде официјален според Уставот.

Свесни сме дека како и сè, и албанскиот јазик ДУИ сака да го деградира. Исценирањето вештачки конфликти во рамки на коалицијата не е првпат да се користи како предизборна стратегија. Овој закон беше направен на инсистирање на Алијансата и секоја интервенција во него ќе предизвика незадоволство кај Албанците. Нашата цел е албанскиот јазик да биде еднаков со македонскиот јазик и тоа ќе се направи со уставни измени по изборите на 12 април “-рече Елми Азири, потпретседател на АА.

Партнерите на владејачката коалиција имаат различни ставови. Од СДСМ велат дека за законот треба да се седне на заеедничка маса и да се разговара со сите страни. Социјалдемократите не мислат дека потребен е нов закон или целосно разгледување. ДУИ првично повикува на конкретен акционен план, отфрлајќи ги гласините дека Законот за јазици се користи за предизборни кампањи.

Најдобар начин за спроведување на препораките на Комисијата е преку коректни акциони планови за олеснување на спроведување на законот преку градење на потребните капацитети. Нивното создавањето не може да се направи преку ноќ “-изјавија од ДУИ.

Венецијанската комисија препорача преиспитување на Законот за употреба на јазиците, првично суспендирајќи го извршувањето на санкциите, додека не се најде правно решение. Правните експерти исто така препорачуваат властите да се откажат од примена на двојазичноста во судските постапки и да се одложи службената меѓуинституционална комуникација. Правните експерти на Советот на Европа истакнаа дека во однос на законот од 2008 година, овој закон значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и во некои случаи ги надминува европските стандарди.