ВМРО-ДПМНЕ нуди план за наставата од септември, оти сметаат дека СДСМ се неспособни да ја организираат

43

Министерството за образование изготвува протоколи, сè уште не се знае дали учениците ќе се вратат во школските клупи или наставата ќе продолжи онлајн.

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека на еден месец од почетокот на учебната година, СДСМ и Зоран Заев се тотално неспособни да го менаџираат образовниот процес. Оттаму реагираат дека и Министерството за образование и Комисијата за заразни болести работат под политички диктат на Заев и спротивно на интересите на учениците и просветните работници. Затоа, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тие нудат решение во 10 точки.

„1. Часот во училиштата каде ќе се одвива физичка настава да трае 20 минути, со една паралелка во една училница! Наставниците ќе работат со групи по 15, наместо по 30 ученици. Прекувремената работа на наставниците треба да биде со нивна согласност и истата да биде платена.

2.Со вака организираниот час од 20 минути училиштата може да рабoтат во 3 смени.

3.Предлог часови да бидат снимени и достапни на учениците во секое време. Часовите треба да ги снимат во моментот кога ќе ја изведуваат наставата или ден пред тоа кога ќе се подготвуваат за час.

4.Наставниците треба да работат од училиште, не од дома. Еден наставник само во една училница да држи час.

5.На вака организираниот час може да присуствуваaт деца кои немаат соодветна опрема за да следат онлaјн настава, со сите превземени мерки за заштита. Тие сигурно нема да бидат пoвеќе од 15 во една паралелка. 6.За вака да работат наставниците, заедно со општините, треба да се обезбеди по еден компјутер во секоја училница и солидна интернет врска за часот непречено да се одвива.

7.За да можат наставниците да работат од училиште треба да се отворат градинките.

8.Ако недостасува персонал за организирање на дневниот престој, може да се ангажираат студентите од последните години на студии на наставничките факултети.

9. За практичната настава во средните стручни училишта треба да се организираат учениците по пет во група во повеќе смени.

10.Да се одреди една или две унифицирани платформи за спроведување на онлајн настава и за истите да се организира обука“, стои во предлогот на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата на Мицкоски го повикуваат Mинистерството за образование да ги прифати нивните предлози.

Претходно, заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска во интервју на Телевизија 24 кажа дека за тоа како ќе се одвива наставата од септември ќе зависи од текот на пандемијата, а крајниот збор ќе го има Комисијата за заразни болести.

„Владата треба да ги разгледа документите кои ги подготви Бирото за развој на образование и работната група, да дадеме мислења, насоки и дополнувања. Се надевам дека навремено, до првата половина од август, сите тие протоколи, планови и стратегии ќе бидат презентирани пред јавноста и училиштата ќе имаат доволно време да се подготват за почетокот на новата учебна година. Сакам да дадам смирувачка информација за целата македонска јавност дека ние како Влада точно знаеме како и што треба да се преземе, изготвуваме протоколи, план и можни стратегии во зависност од тоа како ќе се развива пандемијата“, рече Наумовска.