ВМРО-ДПМНЕ: Оставката е задолжителен чин кога министерот сее геноцид

13

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска го обвинува министерот за здравство Венко Филипче дека станува „министер за геноцид во Македонија“ зашто, како што велат, над 1.000 мртви немало по Втората светска војна во нашата земја и наместо да спасува животи си објавува пародии и видеа со папагали.

„Во денот кога 42.6% од тестираните се заразени и кога има над 20 мртви гледаме колку сериозно министерот ја сфаќа работата. Ова веќе не е ни за смеење, за плачење е. Оставката е задолжителен чин кога министерот сее геноцид. Министерот Филипче е тој што се однесува како да е од друга планета. Според него власта добро се справува со корона епидемијата, а Македонија надмина 1.000 починати, стапката на заразени од тестирани стигна до 42%, бројот на активни случаи е околу 10.000 лица, државата е црн рекордер како во регионот, така и во Европа. Ова очигледно не е доволно Филипче да чувствува одговорност. Напротив тој вина бара кај опозицијата и граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму обвинуваат дека власта е глува на советите и мерките предложени од ВМРО-ДПМНЕ, но и од експертската јавност.

„Очигледно Македонија освен со корона епидемија се соочува со сериозна епидемија на неспособност и неоснована арогантност каква што манифестираат Филипче и целокупната влада на Заев. Оставката на Филипче веќе не е прашање на потреба, туку прашање на време“, додаваат од опозициската партија.