ВМРО-ДПМНЕ откако резултатите беа објавени на полноќ: Филипче ги штелува бројките

16

ВМРО-ДПМНЕ го обвини министерот за здравство Венко Филипче дека „ги штелува“ бројките, откако резултатите за новозаболени, излекувани и починати од Ковид-19 беа објавени синоќа дури на полноќ.

„Што прави Филипче? За девет месеци не успеа, ама баш ништо да направи за здравствениот систем. Не успеа да го прилагоди и организира за корона епидемијата, и од вчера тргна во очигледно штелување на корона бројки. Што сака Филипче да постигне со полноќно објавување на статистиката? Што мисли Филипче дека фијаското кое му се случува во здравствениот систем ќе го тргне на ВМРО-ДПМНЕ. Филипче комплетно го урниса здравствениот систем, ги заборави граѓаните, ги заборави медицинските лица. Луѓе умираат, а тој до вчера само ги броеше починатите, новозаболените, оздравените, а сега почна многу очигледно и да ги штелува бројките“, гласи утринската реакција на најголемата опозициска партија во Македонија.

Министерството за здравство точно на полноќ информираше дека во последните 24 часа се направени 1181 тестирања, регистрирани се 336 нови случаи на ковид-19, од кои 95 се на територија на Скопје, а починале 32.

Одредени медиуми известуваат дека големото доцнење во однос на вообичаената пракса е поради технички проблем со дистрибуцијата на статистиката.