ВМРО-ДПМНЕ покрена иницијатива за интерпелација за министрите Љупчо Николовски и Бојан Маричиќ

27

Сакам да Ве информирам за покренувањето на интерпелација за двајца членови на Владата.

За господинот Љупчо Николовски како заменик на претседателот на Владата за борба против корупција за одржлив развој и човечки ресурси и за министерот за правда, господинот Бојан Маричиќ.

Сведоци сме деновиве на засилена „сеизмичка активност“ во Македонија, секој ден има „земјотреси“ но соочени сме и со еден со сила на земјотрес, шок кој што дојде од Транспаренси Интернешанал бидејќи да се најдете на 111-то место на листата на корупција значи да бидете во слободен пад, значи да се одвоите, тектонски, од европското политичко, демократски и правно тло и да се преселите во Евроазија и Африка во друштво на Монголија, Панама, Сиера Леоне.

Можеби е ова момент за катарза. Зошто го велам ова? Бидејќи сличен феномен може само во летературата да најдете кај Данте Алигери во Пеколот.

Зошто ги посочив двете личности како најодговорни за корупцискиот жив песок во кој што тонеме, како веројатно најкорумпираната европска држава и една од најкорумпираните во светот.

Од следниве причини.

Ние сме редок пример на Влада во која што има министер со посебна одговорност да се бори со корупцијата. Во случајот ако сме на 111 место, формирањето на посебното министерство за мене е институционален илузионизам. Мислите дека ако формирате институција, проблемот сам од себе ќе се реши.

Кога е во прашање пак министерот за правда, во случајов низ призма на ова срамно место, министер за неправда, тогаш исто така се поставува прашањето, како е можно да не се предвиди овој настан бидејќи нисто не настанува од вчера за денес, може да се види во овие четири години како се продлабочувала корупцијата.

Е сега, еден министер за правда честопати ги посочува законите, мислењата на Венецијанската комисија, меѓутоа пак тоа јас го нарекувам правен илузионизам, дека ако превземет членови од другите европски регулативи со тоа сте го решиле проблемот. Да заклучам, корупцијата е системски феномен во оваа држава, не е врзана само за психологијата на сторителите, најмалку туку социјалниот и политичкиот амбиент креираат и поддржуваат корупција.

Ние сме сведоци на постојано толерирање на концептот што се вика владеење на луѓе, личности наместо владеење на законите. Зошто? Затоа што имаме филозофија на несанкционирање. Тогаш, таквата филозофија стимулира корупција и криминал. Филозофија на непокренување или неодговарање на иницијативите на специјализираниот орган за борба со антикорупција, Државната комисија за антикорупција која што отворено кажува дека само една третина од нејзините иницијативи се процесуирани.

Ние имаме држава која што се нарекува партиска во која што статусот се заслужува, не со знаење, не со интегритет, не со дигнитет, не на конкурс туку со партизација и политизација.

Државната и јавната администрација наместо да бидат санкционирани бројни директори на агенции, на регулаторни тела, на јавни претпријатија само ја сменија локацијата. Во друга држава тие би ја изгубиле можноста за определено време да ја вршат оваа функција.

Да не зборувам за предупредувањата од кои последното неодамна на холандскиот амбасадор кој точно ја детектира нашата „ахилова пета“. Не, добрососедските односи туку корупцијата и криминалот.

Најважниот елемент на првиот кластер е владеење на правото, најважниот копенхафеншки критериум е владеење на правото, а него го нема.

Сите се изнаслушавме деновиве со право, колку случаи на висока корупцијавоопшто не само што не се санкционирани туку не се ни споменувани бидејќи не би верувале дека феноменот на господинот Бојан Јовановски е тој кој што е креаторот на аферата Рекет, дека Рекет не е систем или мрежа или да не бројам за господинот Ден Дончев и слично. Додадетего на тоа актуелниот амбиент, Јавна соба, каде може да се случи ваков феномен, меѓутоа исто така морам да кажам дека и протестите деновиве во случајот Монструм, еден случај што јас го викам како процесот Кавка, исто внесоа големи дилеми од типот, дали тоа не е притисок врз судот бидејќи пресуди треба да се носат во суд врз јавната обвинителка и дали тоа е вообичаено, не е вообичаено ама ќе се сетите дека нашиот премиер дури во интервју изјави дека невини луѓе лежат во затвор, дека тоа не треба да се дозволи. Тоа значи дека политиката излезе од границите на правото бидејќи во поделбата на власта, Владата не смее да се меша во судската функција ниту во функцијата на законодавното тело и мора да постојат спреги и кочници, а вие медиумите ја имате клучната улога во креирањето на јавното мислење.

Да не беше информацијата од Транспаренси Интернешанал и да се раководев јас од прочитаното, чуеното и напишаното во нашата земја нема да очекував ваква катаклизма. Тоа значи дека и инајважниот фактор во демократијата, вие медиумите како еден критичен прецизен микроскоп, како непослушни исто така придонесувате на свој начин во креирањето на една слика која што не одговара на реалноста.

Ако нешто шокира најмногу, тоа е изјавата на министериот кој што треба да се справува со корупција. Замислете значи, перцепција била тоа небаре граѓаните перцепциите ги градат како социјална фантастика, а не грубата реалност која што секој ден ја доградува и зацврстува перцепцијата за едно од најкорумпираните општества. Без одговорност нема правна држава. Одговорноста може овие министри даја сфатат како објективна, значи тоа се случило во време кога тие биле персонификација за правна држава, а не биле. Не говорам за субјективна одговорност, таа ќе се утврди на друг начин, но тоа може да биде почеток на системското решавање на корупцијата почнувајќи од правното образование па до санкционирањето.

Затоа јас мислам дека би било најдобро наместо постапка за интерпелација, ние да доживееме оставки како еден чин на катарза од страна на двајцата министри.

Гордана Силјановска Давкова, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија