ВМРО-ДПМНЕ по вчерашниот протест: Бислимовски е активист на СДСМ, Орцев е бизнис-партнер на Заев

9

Членовите на Регулаторната комисија за енергетика се инсталации и партиски активисти, гласи утринскиот коментар на опозициската ВМРО-ДПМНЕ по вчерашниот протест против поскапувањето на струјата.

За претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, велат дека е партиски активист на СДСМ, виден во партискиот штаб на владеачката партија, додека членот на одборот Панче Орцев, како што велат од таму, е бизнис-партнер на семејството на партискиот претседател и премиер, Зоран Заев.

„Марко Бислимоски е само фигура преку која говори Заев и неговиот бизнис интерес. Бислимоски не е независен, тој е активист на СДСМ. И за тоа постојат фотографии од кои се гледа како тој со поширокото раководство прославува во централниот штаб на СДСМ.

Бислимовски не е единствениот член на РКЕ од редовите на СДСМ. Заев во РКЕ ги згрижил буквално луѓето од најголема доверба, како Панче Орцев, поранешен пратеник од Струмица и бизнис партнер на Заеви.

Бислимоски и Орцев, кои се партиски луѓе на СДСМ не можат да бидат независни. Тие се истурени играчи на Заев, кои му служат на неговиот интерес.

Бислимоски и Орцев од Регулаторна се партиски инсталации на Заев во Регулаторна со која ја покачуваат цената на струјата и го осиромашуваат народот

Бислимоски и Орцев преку РКЕ ја поскапуваат струјата за да можат Заеви преку универзалниот снабдувач да испумпуваат десетици милиони евра преку тендери за обезбедување, кои ги добива една струмичка агенција за обезбедување“, гласи денешната реакција на најголемата опозициска партија.

Од таму потсетуваат дека на протестот се испорачани три барања кои очекуваат да бидат прифатени во најбрз можен рок.

„1. Враќање на старата цена на електричната енергија. Наместо да му овозможувате вонреден профит на универзалниот снабдувач, да се намали процентот. 2. Воведување на неделен викенд без данок на додадена вредност. Народот очекува 18% проценти помали цени преку викенд. 3. Професионализација на Регулаторната комисија за енергетика, со цел воспоставување на систем и фер цени на електричната енергија.

Народот бара власта да работи за него, а не против него. Народот бара власта да не се богати на негов грб.

Владата мафијата и криминалот кои се едно исто во Македонија мора да паднат“, додаваат од таму.