ВМРО-ДПМНЕ: Oдговорност за уништувањето на валиден инсулин

11

ВМРО-ДПМНЕ не отсстапува од тврдењето дека Министерството за здравство уништило валиден инсулин со единствена цел да спроведе нов тендер. Велат дека инсулинот бил набавен од реномираната данска фирма Ново Нордиск, која го гарантира квалитетот, за што опозицијата смета дека „паѓаат во вода“ тезите дека се работело за неквалитетен инсулин.

„Има ли некаков документ со кој се прави анализа и оспорува неговиот квалитет? Трето, беше кажано дека инсулинот бил набавен од претходната влада. А светската практика покажува дека нема инсулин со валиден рок постар од две години. Ако се земе предвид дека рокот на употреба истекувал дури 6 и 7 месец 2020 година, а ваквите производи имаат 2 години рок на употреба од производството на истата серија, тогаш испаѓа дека увозот на овој инсулин бил произведен најрано во 6 и 7 месец 2018 година… Овој инсулин можеше да заврши кај пациентите, но заврши уништен на отпад. Кој ќе ја сноси одговорноста за ваквата постапка?“, кажа на денешната прес – конференција Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Министерството за здравство вчера одговорија дека инсулинот бил набавен со паралелен увоз во време на ВМРО-ДПМНЕ, а неговото отстранување е направено со одлука на Владата. Од Здравство велат укинат е паралелниот увоз на лекови и воведени се три нови типови на инсулини, кои се најнова генерација на лекови.