Воздухот во Скопје отровен, инспекторите не нашле виновник

3

 

Државниот инспекторат тврди дека и годинава, како и претходните, во јануари и февруари се и ќе бидат на терен, но досега големите индустрии не биле причина за аерозагадувањето. Според новиот закон за инспекциски надзор, сега тоа го направиле и со општинските комунални инспектори и пак не нашле виновник.

„Ние во овој период направивме околу 40 надзори на големите индустриски капацитети. Дел од нив имаат континуиран мониторинг, како што се Макстил и Цементара, во дел имаат согласно дозволите, мониторинзи прават два пати или повеќе пати во годината, така што сите имаат направено анализи од акредитирани лаборатории. Анализите се во граничните вредности на емисии.“  вели Сретен Стојковски, директор на државниот инспекторат за животна средина.

Првиот инспектор се повикува на последната студија според која домаќинствата се главниот загадувач во Скопје. Но Министерот Нуредини минатата недела објасни оти во таа група спаѓаат и државните институции кои се греат на мазут, а не само домаќинствата. Сепак, Стојковски, ги искара градоначалниците и ги повика да си ја работат својата работа.

„Ако работи само државниот инспекторат а сите други институции не работат, не можеме ништо да направиме. Останува градоначалниците да си се зафатат со работа, да си ги пуштат општинските инспектори за животна средина и комунални работи да си излезат на терен, да си ги прочешлаат сите работилници за поправка на возила, каде им завршува отпадот од масло, работилниците за производство на мебел… Значи треба конкретно да си излезат на терен и да почнат да си работат“ апелира Стојковски.