Во август се затвора пунктот во салата „Борис Трајковски“

8

Во август ќе се затвори вакциналниот пункт за масовна имунизација против ковид-19 во спортската сала „А1 Арена Борис Трајковски“ во Скопје. Вакцинацијата во целата земја ќе се одвива во здравствените домови, а само во Струмица и Тетово ќе продолжат да работат спортските сали како пунктови за масовна вакцинација, кажа денеска министерот Венко Филипче, додавајќи дека ќе продолжи и теренската вакцинација во градовите и селата по принципот на систем на ротација.

„Добро се одвива процесот на вакцинација, одлучивме дека нема потреба да бидат во функција веќе толкави места, вработените полека се враќаат на работните места во здравствените домови. Чекавме да помине тој масовен прилив за ревакцина кај граѓаните. Продолжува вакцинацијата без закажан термин“, рече Филипче при посета на Клиниката за ортопедија.

Филипче рече дека во земјава досега се ревакцинирани 330 илјади граѓани, дека очекува од крајот на август таа бројка да стигне до 500 илјади граѓани, како и дека од 1.800 деца пријавени деца под 18 години, досега се вакцинирани 630. Од 330 илјади граѓани вакцинирани со две дози, со ковид-19 се заразиле 92 пациента.