Во Албанија регистрирани 67 земјотреси со различна јачина

5

 

Од синоќа во 22:37 часот кога беше регистриран најсилниот потрес, до денеска напладне во Албанија се регистрирани 67 земјотреси со помала јачина.

Албанскиот сеизмолог Едмонд Души ги смирува граѓаните, оценувајќи дека ваквите последователни потреси ја ослободуваат енергијата акумулирана во земјата и ја избегнуваат можноста да има посилни потреси.

– Синоќешниот потрес беше најсилен со магнитуда од 4,8 степени според Рихтеровата скала, а само кусо потоа следеше земјотрес со јачина од 3,9 степени. Од 22:37 часот до утрово 63 микроземјотреси се регистрирани кај нас како институција, со помала јачина. Епицентарот е во Клос, област позната како тектонска зона. И денеска до пладне регистрирани уште неколку потреси, еден во 10:45 часот со јачина од 3,3 степени или вкупно 67. Очекуваме целосно да се смири тлото, рече Души.

Според надлежните структури „серијата“ земјотреси најсилно се почувствуван во Клос, Џибер, Гур и Булќиза, каде се пријавени оштетувања на најмалку 22 индивидуални станбени објекти.