Во Берлин обид Либија да не стане новата Сирија

16

Во Берлин денеска се одржува конференција посветена на ставање на крај на конфликтот во Либија. Претставници на повеќе од 10 земји, вклучително и Турција, Соединетите Американски Држави и Русија, се обидуваат да спречат нов бран на беглаци, сличен на оној од Сирија.

На конференцијата чиј домаќин е германската канцеларка Ангела Меркел, ќе присуствуваат претставници и на Кина, Велика Британија, Италија, Франција, Египет, Алжир и Обединетите Арапски Емирати, а ќе има претставници и од Обединетите нации, Европската унија и Арапската лига.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео, рускиот претседател Владимир Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Борис Џонсон веќе пристигнаа или потврдија дека ќе присуствуваат на конференцијата. Се очекува на неа да учествуваат и лидерите на двете завојувани фракции во Либија.

Американски службеник што патувал со Помпео, им изјави на новинарите во Берлин дека конфликтот во Либија сè повеќе заличува на тој во Сирија, каде загинаа стотици илјади луѓе во повеќегодишната граѓанска војна, а милиони се раселија предизвикувајќи бегалска криза во Европа.

Се очекува на конференцијата ривалските страни во Либија да бидат принудени на примирје. Либија е зафатена од насилства по падот на Моамер Гадафи кој беше соборен од власт и убиен во 2011 година. Земјата сега има две влади, едната поддржана од Обединетите нации и се наоѓа во Триполи, а другата е владата на Либиската национална армија предводена од либискиот генерал Калифа Хафтар.

Турција ја поддржува владата што има поддршка и од ОН, а на почетокот на месецот, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган испрати и војска во Либија за да обезбеди стабилноста на владата.

Владата на Хафтар пак има поддршка од Обединетите Арапски Емирти, од Русија, Јордан и Египет.

Турција и Русија се критикувани од страна на ОН и од западните власти за нивните напори да ги вооружат своите сојузници што довело до засилување на насилството.

Путин негираше каква било директна воена вмешаност во либискиот конфликт.