Во Бразил падна снег (ВИДЕО)

5

Во Бразил дојде до значителен пад на температурата, а падна и снег.

Автомобилите, улиците и автопатите се покриени со снег и мраз, а луѓето ја искористија оваа ретка прилика за фотографирање и играње во снегот.

„Имам 62 години и никогаш не сум видел снег. Да се гледа таа убавина на природата е нешто неописливо“, кажа возачот на камиони Гонкалвес Маркез во градот Камбара до Сул за телевизијата Глобо.

Повеќе од 40 града во државата Рио Гранде до Сул се под мраз, а во најмалку 33 општини паднал снег, извести метеоролошката служба.

Невообичаено студеното време во Бразил веќе успеа да ги зголеми меѓународните цени на кафето и шеќерот, а денешниот ден е најстудениот во годината, пишува Ројтерс.

Бранот студен воздух ќе тргне кон северот на Бразил. Според метеоролошката служба, ветриштата во градот Сан Франциско де Паула достигнувале 80 километри на час, што е ретка појава во Бразил.

„Речиси и да не се чувствува студот поради возбудата околу снегот. Чудесен е, чудесен“, кажа Жоселаин да Силва Маркез.

Метеоролозите велат дека студените воздушни маси се вообичаени во ова време на годината, но интензитетот и зачестеноста на овие појави се смениле поради климатските промени.

„Тоа е поврзано со големата климатска варијабилност и глобалното загревање кое ги предизвикува овие екстреми“, вели научникот од бразилскиот Национален институт за метеорологија Француско де Асис.