Во Грција нема да има карантин за празниците, но можно е масовно тестирање на населението

18

Грчкиот министер за здравство, Танос Плеврис изјави дека во моментов не се планира воведување на карантин во земјата по повод претстојните празници, ниту пак некои дополнителни анти-ковид мерки, известува грчката телевизија „Скај“, а пренесува МИА.

„И Божиќ ќе славиме и Нова година ќе славиме и бидејќи слушам различни сценарија, не постои размислување да одиме на рестрикции кои ќе упатуваат на локдаун“, истакна Плеврис.

Плеврис истакна дека она што се разгледува е можноста за масовно тестирање на населението, како за вакцинираните така и за оние кои не се вакцинирани, за да може да се увиди комплетната епидемиолошка слика за земјата. Тој објасни дека во следните денови надлежната комисија на епидемиолози ќе одржи состанок и ќе бидат соопштени евентуални одлуки.

Она што истакна Плеврис е дека исклучиво важна е одлуката да се намали периодот меѓу аплицирање на втората и третата доза, на три месеци „бидејќи во овој момент над 70 отсто од оние кои имаа право да примат трета доза или имаат закажано термин или веќе се вакцинирани“.

„Од целосно вакцинираните над 60-годишна возраст, 90 проценти примиле трета доза , а во однос на првата доза, во оваа старосна група, имавме 580 000 невакцинирани лица. Сега, закажале термин или примиле прва доза 120 000, плус 20 000 лица побарале вакцинација во домашни услови“, рече министерот за здравство на Грција.

Плеврис објасни дека земјата се наоѓа на крајот од четвртиот бран и е во исчекување на петтиот, на варијантата омикрон, истакнувајќи дека е важно е да се забави новиот бран, а во таа насока се и мерките кои се воведоа за задолжителен негативен тест за влез во Грција, за што рече дека целта е да се ограничат увезени случаи на новиот сој.

Според грчките медиуми, премиерот Мицотакис заедно со надлежните министри и епидемиолози го разгледувале сценариото за воведување задолжителен тест за влез во ноќните клубови и барови (кои работат само со вакцинирани) за периодот околу Нова година.