Во земјава активни над 8 илјади случаи на Ковид-19

2

Уште е троцифрен бројот на новозаболени од Ковид-19 во државата, откако вчера беа регистрирани нови 454 заразени. Со ова, во моментов, активни се над 8 илјади случаи.

Досега во земјата се направени вкупно 1.407.769 тестирања на Ковид-19.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 206.077. Оздравени се 190.806 пациенти, а починале 7.232 лица. Бројот на активни случаи е 8.039.

Согласно последниот извештај на Министерството за здравство, најмногу новозаболени има во Скопје, потоа Битола, Прилеп, Куманово и Штип.

Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани 236 оздравени пациенти, а починале 14 лица.

Дневната статистика во регионот е загрижувачка. Во Бугарија вчера беа регистрирани нови 2.826 заразени лица со коронавирус или вкупно 112.651 активни случаи. Тоа се 1.908 случаи помалку од претходниот ден.

Од почетокот на пандемијата со КОВИД-10, во Бугарија починале 25.005 граѓани.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, во Бугарија се зголемува бројот на лица во болниците и Одделенијата за интензивна нега. Изминатите 24 часа се направени 46.388 тестови. Процентот на позитивни е 6,1 отсто.

Вкупниот број на починати во Бугарија од почетокот на пандемијата веќе достигна 25.005. Бројот на хоспитализирани е 8370, што е за 108 повеќе од петокот.

Официјалните податоци покажуваат зголемување на бројот на пациенти примени на интензивна нега, што значи, според локалните експерти, притисокот врз здравствениот систем во Бугарија ќе зголемување. На Одделенијата за интензивна нега има зголемување во однос на петокот кога биле 724, а во саботата нивниот број се зголеми на 732.

Вчера во Бугарија беа дадени 6.749 дози вакцини, со што се дојде до вкупната бројка од 2.960.810 дадени дози.

И во Грција состојбата не е добра, поради што деновиве таму на сила стапија нови рестриктивни мерки.

Сертификатот за вакцинација, потврдата за прележаните и негативен тест за невакцинираните, заедно со документ за лична идентификација, станува задолжителен за влез во речиси сите затворени простори во Грција. Исклучок се маркетите и продавниците за храна, аптеките, бензинските пумпи и црквите.

Во Србија пак, за првпат беше регистриран и делта плус сојот, што претставува полоша форма на вирусот.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој вчера на Белградскиот саем прими трета доза вакцина против коронавирусот, повторно апелираше граѓаните да се вакцинираат.

Тој вчера изјави дека презема дел од вината што државата, како што рече, навреме не ги донела најпаметните решенија во борбата против епидемијата.