Во Израел, бројот на случаи на индискиот сој зголемен за четири пати, повторно воведени маски

6

Израел денес им наложи на своите граѓани повторно да носат маски во затворен простор, 10 дена откако им беше дозволено да ги тргнат, поради континуираниот пораст на бројот на заразени со коронавирус што се припишува на високо заразната делта варијанта.

Барањето за носење маски е едно од само неколкуте преостанати социјални ограничувања бидејќи Израел го намали бројот на заразени благодарение на брзата кампања за вакцинација.

Но, бројката неделава се зголеми за четири пати и се искачи на 138, по избувнувањето на епидемијата што се припишува на делта варијантата во две училишта, што ги натера официјалните лица повторно да заострат некои ограничувања и да апелираат родителите да ги вакцинираат децата на возраст од 12 до 15 години.

Министерството за здравство го воведе правилото за носење маски за сите затворени простори, освен за сопствениот дом и објави дека препорачува и маски на големи собири на отворено, конкретно споменувајќи ги прославите по повод обележувањето на Геј парадата што се одржува овој викенд во Израел.

Приближно 55 проценти од израелското население од вкупно 9,3 милиони ги примиле двете дози на вакцината Фајзер-Бионтек. Минатиот месец, условите за вакцинација се проширени и на деца на возраст од 12 до 15 години, но одзивот во таа возрасна група е мал.

Во април, израелскиот координатор задолжен за пандемија Нахман Аш рече дека Израел може да постигне имунитет на стадо кога 75% од населението е вакцинирано или има природен имунитет по ковид-19. Но, во четвртокот, со оглед на повисоката заразност на делта варијантата, ја зголеми бројката на најмалку 80 проценти. Во моментов, според Министерството за здравство, околу 65 проценти од израелското население се вакцинирани или се опоравиле од ковид-19.