Во Македонија треба да пристигнат 190 цивили од Авганистан

5

Сѐ уште не се знае кога во Скопје ќе пристигнат 190 цивили од Авганистан кои во Македонија ќе бида привремено згрижени. Главно се работи за жени и деца на вработени лица во хуманитарни организации, организации за човекови права, новинарки и други невладини здруженија. Од македонската Влада информираат дека во тек се координации и утврдување детали за преземање на првите лица.

Првично треба да бидат преземени шест жени и деца на вработени од мисијата на ОН во Авганистан. Овие цивили ќе бидат сместени во Македонија со ограничен временски период, сѐ до обезбедувањето на нивниот трансфер до САД или до трети земји, велат од Владата на Македонија.

Откако ќе пристигнат во Македонија цивилите од Авганистан најпрво ќе бидат во 14-дневен карантин за превенција од ковид-19, а за тие што не се вакцинирани, Министерството за здравство ќе обезбеди и вакцини.

„Владата работи на обезбедување сместувачки капацитети во мотели, одморалишта и хотели, за што трошоците ќе бидат обезбедени од страна на меѓународните организации, како и од Соединетите Американски Држави“, соопшти Владата на Македонија и додава дека на наредните владини седници ќе се разговара и за следните чекори што би ги презела земјата, а во насока на хуманитарната мисија за спасување на локалното население од Авганистан.

Во Кабул сѐ уште има стотина заглавени македонски граѓани кои биле на привремена работа во Авганистан. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи вчера соопшти дека 25 од нив треба да полетаат со воен авион кон Катар. Останатите се наоѓале во воени објекти на американската армија и биле на листа за транспорт од Авганистан.