Во меч со драматичен крај Холандија ја победи Шпанија и стана Светски шампион

9

Холанѓанките се на тронот на светот во женскиот ракомет откако со гол од пенал во последните секунди ја победија Шпанија со 30:29.

Холандија е новиот светски владетел во женскиот ракомет, во денешното финале тие за еден гол беа подобри од селекцијата на Шпанија.

Шпанските ракометарки одлично го почнаа мечот, на почетокот дојдоа до водство и од 6-2 и во неколку наврати имаа предност од четири гола во првиот дел, но финишот од првото полувреме им припадна на Холанѓанките кои не само што дојдоа до водство туку на одморот заминаа и со три гола предност, 16:13.

Во вториот дел Холандија неколку пати дојде и до пет голови предност, постојано беше во водство, Шпанија успеа да изедначи во последните две минути на 29:29. Шпанските ракометарки имаа и напад за победа, не го реализираа а потоа се случи еден интересен момент.

Една од шпанските ракометарки го блокираше холандскиот голман, по што судијките доделија црвен картон и покажаа пенал за Холандија. Најстрогата казна беше реализирана по што почна големото славје.

Полсман со девет гола беше најдобрата во селекцијата на Холандија, Абинг постигна седум. Во составот на Шпанија Барбоса реализираше седум голови, Хереро шест.

Претходно во мечот за третото место Русија со 33:28 ја совлада Норвешка.