Во најновите анкети во САД: Бајден е фаворит кај демократите, а води и пред Трамп

8

Претендентот за претседателски кандидат на американската Демократска партија Џо Бајден има поголема поддршка отколку републиканскиот кандидат Доналд Трамп, покажа најновото истражување на јавното мислење на ТВ мрежата Еј Би Си Њуз и весникот Вашингтон пост.

Според податоците, Бајден пред Трамп води со два проценти, односно за него се изјасниле 49 отсто од испитаниците, додека за Трамп 47 отсто.

Но сепак, Трамп значително ја намалил разликата од февруари од 7 проценти, кога поранешниот потпретседател на САД ја имаше поддршката од 52 отсто од граѓаните, додека актуелниот американски претседател од 45 отсто.

Во врска со економијата, 57 отсто од испитаниците ја поддржуваат политиката на Трамп, односно поголем дел од нив сметаат дека Трамп подобро би управувал отколку Бајден.

Трамп и Бајден се изедначени во однос на прашањето кој подобро би управувал со кризата со коронавирусот, но Бајден има поголема поддршка кога станува збор за вкупната политика во здравството.

Анкетата е спроведена минатата седмица, и таа исто така покажува, дека Бајден се’ уште води пред неговиот противкандидат од Демократската партија Берни Сандерс.