Во „Пандорините документи“ и Мило Ѓукановиќ, кумот на Александар Вучиќ…

2

Лидерите на неколку земји, меѓу кои и чешкиот премиер Андреј Бабиш, претседателот на Азербејџан и кралот на Јордан, се обиделе да го скријат своето богатство или бизниси, покажуваат протечените документи за офшор-компании, наречени „Пандорини документи“.

Синоќа беа објавени Пандорините документи, збирка од речиси 12 милиони документи објавени од Меѓународниот конзорциум за истражувачко новинарство (ИЦИЈ).

Документите, кои ќе бидат објавувани во наредните денови, покажуваат голем број офшор-договори, во кои учествуваат различни светски актери и лидери, вклучувајќи го и јорданскиот крал, блиски соработници на пакистанскиот премиер, поранешниот британски премиер Тони Блер, но и поединци од Западен Балкан.

Српски министер, црногорски претседател, син на хрватски министер…

Досега беа објавени текстови во кои се зборува за министерот за финансии на Србија, Синиша Мали, и начинот на кој тој стекнал 24 луксузни стана на бугарскиот брег.

Мрежата за истрага на криминал и корупција (КРИК) во рамките на проектот „Пандорини документи“ објави дека како сопственик на две офшор-компании од Британските Девствени Острови, Мали купил 23 стана, а уште еден купил на свое име, пишува КРИК.

Новинарите од КРИК и новинарската мрежа ОЦЦРП во 2015 година објавија дека Мали, тогашен градоначалник на Белград, купил 24 луксузни апартмани во бугарското летувалиште Свети Никола на брегот на Црно Море и предизвикаа бурни реакции во јавноста, бидејќи нивната вредност од околу пет милиони евра далеку ги надминуваше приходите на тогашниот градоначалник на Белград. Мали тогаш ги обвини новинарите дека лажат и призна дека купил само еден стан.

Сега, сепак, се појавија документи од агенција чиј клиент бил Мали, кои се доказ дека тој бил сопственик на две офшор-компании и станови во Бугарија, според КРИК.

Набргу по купувањето станови во Бугарија, кои на пазарот имале вредност од околу пет милиони евра, Мали почнал да ги продава.

Понатаму, беше објавен текст во кој се наведува дека црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и неговиот син ја скриле сопственоста на својот недвижен имот преку комплексна мрежа од поврзани компании од повеќе земји и офшор-области.

Мило и Блажо Ѓукановиќ во 2012 година склучиле тајни договори за управување со нивниот имот, криејќи се зад мрежа од поврзани компании од Велика Британија, Швајцарија, Британските Девствени Острови, Панама и Гибралтар, објавено е на веб-страницата на Мрежата за афирмација на невладиниот сектор (МАНС).

Синот на претседателот на Црна Гора ја искористил таа структура за да формира две скриени компании со фирми-ќерки во Лондон и Црна Гора, пишува Вијести.

Се споменува и кумот на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и поранешен директор на Електричната мрежа на Србија, Никола Петровиќ, и се наведува дека скриен зад офшор-фирма ја купил авиокомпанијата на Станко Суботиќ, за само 100 илјади евра.

Новинарите на хрватскиот портал Оштро, пак, во Пандорините документи ги нашле и имињата на некои хрватски клиенти. Во нив, меѓу другото, се споменува Рикард Фуцкс, син на хрватскиот министер за образование и социјална заштита Радован Фуцкс, кој во 2017 година основал компанија на Сејшелите, чија цел беше објаснета како „поседување удел во хрватска компанија што ќе купува недвижен имот во Хрватска“.

Рикард Фуцкс им рече на новинарите на порталот дека целта на компанијата не е поврзана со Хрватска, туку дека тоа е „проект што требаше да се направи во Холандија заедно со американски фонд“. Проектот не бил реализиран, а компанијата, како што рекол Фуцкс, била затворена во 2020 година.

Блер, Зеленски, Бабиш, Шакира…

Откриено е дека кралот на Јордан тајно натрупал 70 милиони фунти имот во Велика Британија и САД, а поранешниот премиер на Обединетото Кралство Тони Блер и неговата сопруга заштедиле 312.000 фунти кога купиле канцеларија во Лондон. Претседателот на Украина Володимир Зеленски ги преселил своите акции во тајна офшор-компанија непосредно пред да победи на изборите во 2019 година, а чешкиот премиер Андреј Бабиш не пријавил офшор-инвестициска компанија со која купил две вили за 12 милиони фунти на југот на Франција.

Меѓу јавните личности во документите се и колумбиската пејачка Шакира и германската манекенка Клаудија Шифер.

Рускиот претседател Владимир Путин документите го доведуваат во врска со таен имот во Монако. Сепак, тој не е директно именуван во документите, но медиумите посочуваат дека таму се многу негови соработници. Меѓу нив се најблискиот пријател на Путин од детството, Питер Колбин, кого критичарите го нарекуваат „паричникот“ за богатството на Путин, и жена со која рускиот лидер наводно бил во љубовна врска. Ниту еден од нив не одговорил на повиците на новинарите за коментар.

Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ) синоќа ги објави наодите од истрагата, во која биле вклучени околу 600 новинари, кои ги нашле имињата на околу 35 сегашни и поранешни лидери, како и стотици службеници, како што се судии, министри и градоначалници.

Новинарите проучувале околу 11,9 милиони документи од 14 компании за финансиски услуги, во кои се наоѓаат и имињата на повеќе од 100 милијардери, како и познати личности.

ИЦИЈ со офшор-фирми поврзал 336 функционери или политичари, кои создале речиси 1.000 такви компании, од кои повеќе од две третини се на Девствените Острови.

„Пандорините документи“ се најновите во серијата големи протекувања на податоци што ги откриваат тајните постапки на познатите личности, по „Панамските документи“ од 2016 година и „Рајските документи“ од 2017 година.

Во споредба со претходно откриените документи, „Пандорините документи“ се најобемни, а новинарите на тој проект работеле 18 месеци.

Офшор-трагата се протега од Африка до Латинска Америка и Азија, а политичарите од целиот свет ќе треба да одговорат на тешки прашања.

Сепак, новите податоци укажуваат на поместување на парите бидејќи богатите клиенти и нивните советници брзо се приспособуваат на новата реалност, поради што нема голем напредок во борбата против нелегалните активности.