„Во Петриња повеќе никој не е нормален“ – градоначалникот очаен после синоќешниот земјотрес

21

Градоначалникот на Петриња, Даринко Думбовиќ рекол дека вчерашниот земјотрес во Петриња силно се почувствувал, дека граѓаните се на работ на човечките можности и дека основниот проблем е сместувањето.

„Ова беше удар на се она на што не е тешко да се удри, затоа што и многу помали удари можат да донесат дополнителни штети. Сите луѓе се движат кон центарот, ќе имаме проблем ако им падна врз глава цигла, фасада…Ноќите ни се трауматични, без сон, неизвесност, иднина за која итно мораме да дадеме решение“, раскажал Думбовиќ за регионалната Н1 телевизија.

Тој нагласил дека граѓаните се на работ на трпението и човечките можности на нормалниот човек.

„Денеска во Петриња никој повеќе не е нормален“, рекол градоначалникот на градот кој тешко настрада минатиот вторник во разорниот земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтерова скала.

На подрачјето на Петриња, Глина, Сисак и околните села, најтешко настраданите во земјотресот, се наоѓаат бројни служби и волонтери кои им помагаат на граѓаните, пред се во санирањето на разрушените објекти. Досега се пријавени штети на повеќе од 13.200 објекти.

Во разорниот земјотрес во вторникот, загинаа 7 лица, а 27 се повредени.