Во САД само со негативен ПЦР тест

21

САД ќе бараат негативен тест на коронавирус за сите кои патуваат во земјата, пред да се качат на авионот, јавија американските медиуми синоќа.

Станува збор за нова мерка од државниот Центар за контрола на заболувањата (ЦДЦ) која стапува во сила на 26 јануари.

„Тестирањето не ги елиминира сите ризици, но ако е комбинирано со период на самоизолација и секојдневни мерки на претпазливост, како носење маски и физичка дистанца, тоа може да го направи патувањето побезбедно, поздраво и поодговорно за намалување на ширење на заразата во авионите, на аеродромите и на крајните дестинации“, изјави д-р Роберт Редфилд, директор на ЦДЦ, најавувајќи ја новата мерка.

Новата мерка предвидува сите патници кои летаат за САД да направат тест за инфекцијата најмногу до три дена пред датумот на летот, и да покажат документ за резултатите од тестот или доказ дека прележале ковид-19. Патниците кои нема да приложат резултат од тест за коронавирус, авиокомпанијата има право да ги врати назад.

Кризниот штаб на Белата куќа за борба со коронавирусот и федералните агенции заедно со ЦДЦ со недели наназад работеле на имплементирање на оваа мерка.

Тестирањето за патниците во САД засега е на ниво на препорака од ЦДЦ. Центарот препорачува сите патници на домашните и меѓународните летови да се тестираат најмногу три дена пред да заминат на патувањето, и повторно да се тестираат по враќањето дома.

Во меѓувреме, САД се навлезени во „вирусно цунами“, како што многу лекари ја опишуваат ситуацијата со коронавирусот во земјата. САД се на врвот на листата на земји со најмногу заразени и починати од коронавирус во светот, со над 23 милиони инфицирани досега и над 389 000 смртни случаи.