Во Црна Гора расте бројот на заразени со коронавирус

Бројот на заразени со коронавирус во Црна Гора се зголеми на девет во средата, откако црногорскиот Институт за јавно здравје потврди седум нови случаи на инфекција.

10

Претходно, црногорските здравствени власти, откако немаше регистрирано ниту еден случај на инфекција 42 последователни дена, регистрираа два случаи на инфекција кај жители на таа земја кои кратко време биле во БиХ.

„До среда во 21 часот лабораториите на Институтот анализираа 200 примероци, од кои 193 беа негативни и седум позитивни за новиот коронавирус. Четворица новозаболени се контакти на претходно потврден случај, додека за тројца новозаболени во моментов се трага по изворот на инфекција”, соопшти Црногорскиот институт за јавно здравје.

На 1 јуни Црна Гора ги отвори своите граници за 130 земји во кои бројот на активни случаи е помал од 25 на 100.000 жители и ги укина повеќето преземени мерки за да се спречи ширењето на коронавирусот.

На почетокот на јуни, црногорската влада прогласи крај на епидемијата на коронавирус на територијата на земјата откако 28 дена по ред, односно двојно повеќе од периодот на инкубација, не беше регистриран случај на зараза. Претходно, на 24 мај, Црна Гора стана првата земја без корона во Европа.