Врачена наградата „Ацо Караманов” на Хусто Хорхе Падрон

45

Радовишкиот градоначалник Герасим Конзулов му ја врачи наградата „Ацо Караманов” на светски познатиот шпански поет Хусто Хорхе Падрон, во рамките на манифестацијата „Караманови средби”, кои почнаа синоќа во Радовиш.

Падрон беше претставен од страна на познатата македонска писателка и критичар професор д-р Кристина Николовска.

На свеченото отворање поздравно обраќање имаше градоначалникот Конзулов, кој го истакна значењето на „Карамановите средби” како потстрек за сите генерации да го негуваат поетското творештво и остават белег во богатата ризница за сите читатели.

Беседа за Ацо Караманов одржа Стојан Тарапуза, а книжевниот портрет на познатиот шпански и светски поет Хусто Хорхе Падрон го направи новинарот и поет Ѓорги Калајџиев.

Синоќа беше отворена и изложба на познатиот ликовен уметник од Струмица, Ниче Василев, потоа беа изведени пслам за „м-лле Лили” и кореографијата „Перон” со балетско студио Газели, а првиот ден од манифестацијата заврши со праизведбата на кантатата „Радовидение” по повод 1000 години Радовиш, со музика на Стојан Стојков, а по стихови на Борче Панов.

На „Карамановите средби”, кои годинава се организираат во знакот на големиот јубилеј „1000 години Радовиш”, денес ќе се доделат уште две награди – Балканската награда за поезија „Ацо Караманов” на хрватскиот поет Валерио Орлиќ за поетската книга „Обележувам ѕвезди”, а наградата за најдобра книга од македонски автор ќе ја добие Даниела Андоновска Трајковска за книгата „Електронска крв”.

Манифестацијата продолжува со портрети на македонскиот поет Раде Силјан и хрватскиот Валерио Орлиќ и со настап на поетите учесници на 46 издание на оваа реномирана поетска манифестација.