„Врба“ не доби номинација за Оскар за најдобар странски филм

41

Македонските филмови „Врба“ на режисерот Милчо Манчевски и „Налепница“ на Георги М. Унковски не влегоа во потесниот избор за номинации за странски и за краток филм за годинашните Оскари.

Американската Академија за филмска уметност и наука денеска ги објави потесните листи со по 15 филмови во девет категории за 93. Оскари. Од овие листи ќе се изберат по петмина кандидати за номинација.
Номинациите за Оскар ќе се објават на 15 март, а доделувањето ќе биде на 25 април.

На потесната листа од 15 филмови во категоријата за најдобар странски филм се „Кво вадис, Аида?“ од БиХ на Јасмила Жбаниќ, „Агент крт“ од Чиле, „Шарлатан“ на Агњешка Холанд од Чешка, „Уште една тура“ на Томас Винтерберг од Данска, „Ние двете“ од Франција, „Лјорона“ од Гватемала, „Подобри денови“ од Хонгконг, „Деца на сонцето“ од Иран, „Ноќ на кралевите“ од Брегот на Слоновата коска, „Не сум веќе тука“ од Мексико, „Надеж“ од Норвешка, „Колектив“ од Романија, „Драги другари“ на Андреј Кончаловски од Русија, „Сонце“ од Тајван и „Човекот кој си ја продаде кожата“ од Тунис.

„Налепница“ на Георги М. Унковски се квалификуваше за влез во оскаровската трка откако во септември победи на фестивалот “Ин д палас” во Софија, Бугарија, зашто победникот на овој меѓународен фестивал за краток филм се квалификува за учество во трката за номинација за Оскар.

Филмот „Врба“ на најнаградуваниот македонски режисер Манчевски на 16 ноември беше избран за македонски кандидат за Оскар за најдобар странски филм, од Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ). Неговиот филм „Пред дождот“ во 1995 ѝ ја донесе на Македонија првата номинација за Оскар за најдобар странски филм, а македонски кандидати биле и неговите „Сенки“ и „Мајки“.

„Налепница“ по сценарио и режија на Георги М. Унковски се квалификуваше за влез во оскаровската трка откако во септември победи на фестивалот “Ин д палас” во Софија, Бугарија, зашто победникот на овој меѓународен фестивал за краток филм се квалификува за учество во трката за номинација за Оскар. Филмот е во продукција на „Синема футура“.

Македонскиот документарец „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубо Стефанов лани имаше историски две номинации, за најдобар документарец и за најдобар странски филм, за првпат и во македонската но и во историјата на Оскарите.

Годинава, интересно е дека романскиот документарец „Колектив“ е на обете листи на потесен избор, и за документарец и за странски филм, значи има шанси да го повтори ланскиот успех на „Медена земја“ ако добие номинација во обете категории.