Врнежите ќе престанат попладне, од утре значителен пораст на дневните температури

1

Повремените врнежи од дожд кои наместа се пообилни, во попладневните часови ќе престануваат и облачноста делумно ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието засилен јужен ветер. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 16 степени, а во Скопје 13 степени, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

До 7 часот утрово, најмногу врнежи се измерени во Охрид, 11 литри на квадратен метар. Девет литри се измерени во Претор, седум во Дојран, пет во Маврово, четири во Лазарополе и Пожаране, три литри во Битола, Прилеп и Дебар, два литра на квадратен метар се измерени во Гевгелија и Крушево и по еден литар дожд е наврнат во Скопје – Петровец, Тетово, Струмица, Ѓуриште, Демир Капија и Дојран.

Според прогнозата на УХМР, во следните денови ќе преовладува стабилно време со појава на утринска магла по котлините. До петок ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен ветер од јужен правец. Утринските температури ќе бидат позитивни, а дневните во значителен пораст.