Вучиќ: Вие вперете ми снајпер, а јас молив

14

Претседателот на Србија, по повод насловната страна на неделникот НИН, на која снајпер е вперен во него, рече дека тоа не е прв пат и дека сè потекнува од исто место.

Според него, сето ова било препишано од таблоидот на Милован Бркиќ, како и сите текстови и сите дејствија на неговите политички противници. „Кога би кажал, луѓето тоа не го знаат, но новинарите знаат, за каков пробисвет станува збор, и што сè прави“, рече Вучиќ во Крагуевац, додавајќи дека е на мета на тој снајпер затоа што не сака да плаќа рекет.

„Секогаш ќе се борам и ќе ги бранам, да можат да објавуваат сè што сакаат, нека бидат само против мене. Само вие вперете ги тие снајпери кон мене, јас немам проблем со тоа. Ќе се борам за вашето право да објавите и да пишувате што сакате. Додека го правите тоа јас ќе се обидам да го вперам врвот на моливот во некој дел од Србија каде ќе градиме нови училишта, фабрики и патишта“, рече претседателот на Србија.

Тој, исто така, истакна дека се согласува со насловната на НИН затоа што тие одбрале одличен снајпер, прецизен и силен.

Откако неделникот НИН во средата објави како ќе изгледа нивниот број, на чија насловна страница е фотографија на која кон Вучиќ е вперен снајпер, дел од јавноста веднаш реагираше.

Милан Чулибрк, уредникот на НИН се огласи за насловната страница, велејќи дека само на најмрачните умови може да им паднат на памет гадости што им се припишуваат на редакцијата поради насловната страница. По 15 часа, уредниците ја отстраниле контроверзната фотографија од интернет-изданието, но ја оставиле насловната страна без слика.

„Иако насловната страница е променета, содржината на статијата Афера оружје: Кој го руши Крушик, останува, се разбира, непроменета“, рече издавачот Рингиер Аксел Спрингер Србија.

Насловот е „Кој го руши Крушик“, со зборовите „руши“ и буквите „руши“ во зборот „Крушик“ истакнати со црвена боја. Станува збор за аферата Крушик, односно за сомнителниот бизнис на компанија поврзана со Бранко Стефановиќ, татко на српскиот министер на полицијата Небојша Стефановиќ, која добивала повластени договори со фабриката за оружје Крушик.