Вучиќ за идејата „српски свет“: Границите на Србија се неповредливи, а туѓите не нè интересираат

27

Официјалната политика е дека границите на Србија се неповредливи, а Белград не се занимава со туѓи граници, порача денеска српскиот претседател Александар Вучиќ по изјавата на министерот за внатрешни работи Александар Вулин за создавање „српски свет“.

Коментирајќи ги критиките упатени од земјите и регионот до министерот за внатрешни работи, Александар Вулин, заради изјавата за создавање „српски свет”, Вучиќ оцени дека не станува збор за хајка на Вулин, туку на Србија, пренесе Н1.

„Секој пат велат ‘тоа се Вучиќ и Србија’ затоа што мора во Србија да пронајдат виновник за сè. Затоа е важно луѓето да знаат што е официјалната политика на Србија, тоа е онаа што вели дека границите на Србија се неповредливи, а туѓите граници не нè интересираат. Ние мора да ги чуваме нашите и на јасен и недвосмислен начин да покажеме каква е нашата политика“, рече Вучиќ.

Запрашан за проценките дека изјавите на Вулин носат фашистички пораки, Вучиќ оцени дека е интересно како оние што даваат такви проценки „лесно од Србите прават фашисти, а од сите други свои пријатели“.