Вучиќ и Хоти во Белата куќа потпишаа договор за нормализација на економските односи

7

Доцна попладнето во Белата куќа падна договор меѓу Белград и Приштина, во посредство со Доналд Трамп..

Во Овалниот кабинет во Белата куќа во Вашингтон попладнево беше потпишан договор за економска нормализација меѓу Србија и Косово. Потпис на договорот ставија српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти, а параф стави и американскиот лидер Доналд Трамп, кој по церемонијата истакна дека ова е уште еден ден за кој сите мислеле оти е невозможен да се случи.

За Трамп овој договор е историски и ќе донесе мир и напредок на Балканот и во светот. Кажа дека со нетрпение очекува да ги посети „двете земји“ во не толку далечна иднина.

“ Мислам дека ќе се случат извонредни работи, тоа ќе биде економски одлично за двете земји, а притоа САД ќе се отвори кон двете земји. Кога се во прашање нивните односи , односите на двете земји кои беа во спор мислам дека ќе имаат извонреден однос, економијата може да ги зближи луѓето и тоа тука се случува. Овие луѓе направија одлична работа.“

Договорот предвидува Приштина да се приклучи на иницијативата за Мал Шенген, а со тоа без одлагање да се почне со изградба на нови патишта и железнички пруги. Во рамките на постигнатиот договор, меѓудругото Приштина се согласила да го признае Израел и да отвори амбасада во Ерусалим, а белград од Тел Авив да ја пренесе во Светиот град. За возврат и Израел експресно го призна Косово. Договорот не предвидува меѓусебно признавање на двете држави. Приштина ќе ги укине таксите кон Белград, а како што рече Вучиќ, договорена е заштитата на верските објекти и имплементација на судските случаи поврзани со СПЦ. Спорот околу Газиводе ќе се решавал со физибилити студија, во која ќе бидат вклучени и САД. И Вучиќ и Хоти изразија задоволство за договорот.

Потпишавме билатерален договор со САД, ова не е трилатерален договор. Третата страна не е признаена како субјект во меѓународното право што беше многу важно за нас.

-Договорот го отвора патот за нормализирање на односите Косово-Србија. Денес е првиот чекор кон нормализирање на економските односи. Ова денес не е конечен договор, но јас го сметам за голем чекор кон признавање на Косово од Србија. Разговорите продолжуваат.., изјави Абдулах Хоти, премиер на Косово

Вчерашниот ден го одбележаа бура реакции, пред се од српска страна, која соопшти дека на претседателот Вучиќ му бил понуден документ со кој се бара признавање на Kосово, вест што беше демантирана од страна на соработниците на Трамп..