Вучиќ најави големи кадровски промени во идната Влада на Србија

8

Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави денеска дека ќе има големи кадровски промени во идната српска Влада, но дека за тоа ќе води сметка лицето што ќе го добие мандатот да состави нов кабинет.

– Сигурно ќе има големи промени во владата, ќе водиме сметка кој ќе го добие мандатот. Мојот став и мислење ќе го изнесам пред партиските органи, нагласи тој.

Вучиќ рече дека никој не мора да биде во владата 10 или 20 години само затоа што мисли дека мора.

-Ќе има бројни промени. Ми се чини дека мора да има некоја нова енергија, нов ентузијазам, но верувам дека новата влада добро ќе ја врши работата – нагласи Вучиќ.

На новинарско прашање какви се односите меѓу Србија и Украина по руската агресија врз таа земја и како го коментира тоа што по градовите се испишува буквата З, се продаваат маици со таа буква и дали некој тоа ќе го санкционира, бидејќи неодамна еден припадник на жандармеријата на шлем имал ваков знак и се сликал со еден министер, Вучиќ рече дека Србија има јасен став кој е изразен преку заклучоците на Советот за национална безбедност и дека се држи до тоа.

-Србија има јасен став кој беше утврден во Советот за национална безбедност на Србија. Има една работа што не ми се допаѓа. Постои навивачка определба која не е широко распространета, но е жестока. Не можеме да навлеземе во нешто такво, бидејќи тоа е прашање на личен афинитет. Наши пријатели се и Русите и Украинците, но Србија ни е најважна, рече претседателот на Србија.

Коментирајќи ја посетата на унгарскиот шеф на дипломатијата Питер Сијарто на Москва и најавата на Сергеј Лавров дека ќе го разгледа барањето на Унгарија за дополнителни количини гас, на што ЕУ не реагираше, Вучиќ рече дека ја следел нивната вчерашна средба, дека имале добра средба и дека нема за ова што да каже.

-Што се однесува до гасот, ние ги решаваме проблемите со значителни суми на пари и ќе ги решиме. Ова е важно за граѓаните, нагласи Вучиќ.