Вучиќ: Ни спремаат замка нарекувајќи нè руски слуги

2

Српскиот претседател Александар Вучиќ ѝ се обрати на јавноста синоќа по повеќечасовната седница на Советот за национална безбедност.

„Во вториот дел од седницата зборувавме за одлуката на Албанците да не дозволат одржување на изборите и сите последици на таквиот чин. Тоа не е само прашање дали Србите од Косово ќе можат да гласаат, и нивното замолчување, ниту е прашање на поддршка, туку тоа е прашање на безбедноста и политичкиот опстанок на Србите на Косово и нивната егзистенција“, кажа Вучиќ.

„Албанците бараа од нас де факто признавање на Косово“, изјави Вучиќ и наброи на што сè Србија се согласила.

„Се согласивме на сè, а бараа само една формулација дека „владата на Србија бара од владата на Косово“. Прифативме безброј компромиси и бесмислени нешта на кои инсистираа, но бараа само едно нешто, Србија да ја признае независноста на Косово. И ничија власт не е толку важна колку што ни е важна нашата држава и затоа не се согласивме на тоа“, кажа српскиот претседател.

„Некои Срби на Косово се дури спремни и на конфликт, а некои на заминување. Јас ги замолив да останат да ги чуваат нашите вековни огништа. Кога еднаш ќе се влезе во тоа, нема враќање. Ги замолив за трпение, тие беа фер и кажаа дека само мене ми веруваат“, додаде.

„По сите состаноци повторно разговарав со Србите од Косово, и тие договорија протести во следните денови во различни делови на покраината. Јас со нив повторно ќе разговарам деновиве по консултациите со претставниците на владата.

Некои во регионот играат игра против Србија за да нè вовлечат во замка и сакаат да нè обележат како руски слуги и некој кој е против Западот за да ни бидат воведени санкции или физички да бидеме оневозможени да му помогнеме на нашиот народ. Не измислувам замка за да избегнам некои потези, туку поради она што се случуваше во 2004 година, Србија тоа повеќе не може да го дозволи. Мораме да бидеме паметни и да ги чуваме нашиот народ и нашата земја.

Буквално нè воведуваат во конфликти и не водат случајно координирана акција. И делови од Подгорица, дел од Загреб и други региони“, порача Вучиќ.