Вучиќ: Од ЕУ ќе бараме да ни одговорат дали постои Бриселскиот договор или не

17

По седница на Советот за национална безбедност, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на прес конференција, повикувајќи се на заклучоците од таа седница, изјави дека од ЕУ ќе побара во рок од еден месец да и одговори на Србија дали постои Бриселскиот договор или не, што е еден од условите за продолжување на дијалогот, пишува Н1.

„Ќе побараме итен одговор од претставниците на ЕУ за тоа дали постои Бриселскиот договор, кога ќе се формира Заедницата на српски општини (ЗСО), и тој одговор ќе го побараме во следниот еден месец. Нивното молчење ќе го протолкуваме дека Бриселскиот договор не постои и дека не сакаат да се формира ЗСО“ изјави Вучиќ, додавајќи дека суштина на тој договор беше да се формира ЗСО.

„Србија бара повлекување на косовските полициски трупи од северот на Косово, ситуацијата да се врати во претходата состојба, а потоа да отидеме во Брисел за да разговараме за се и ако е можно да се договориме“, додаде Вучиќ.

Тој порача дека Србија во следните неколку дена ќе ги разгледа мерките против Приштина, а потоа ќе излезе со нив.

-Сакаме да покажеме добра волја и да ја оставиме Приштина некое време да ги смени своите лоши одлуки, ако тие не сакаат, ние ќе преземеме мерки за заштита на Србија, изјави Вучиќ.

Српскиот претседател исто така, рече дека го отфрлил предлогот што го добил вчера од ЕУ, како треба да изгледа, „наводното компромисно решение”.