Вучиќ: Секогаш ќе го осудувам антисрпскиот став на Ѓукановиќ

16

Претседателот на Србија Александар Вучиќ кажа дека секогаш и секаде ќе го осудува изразено антисрпскиот пристап на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и, како што кажа, неговите измислици и брутални лаги за малигното влијание на Србите и Србија, за тоа дека Србите се малиген народ со малигно влијание заедно со Русите.

„Секогаш ќе се борам против тоа“, порача Вучиќ.

По повод изјавата на Ѓукановиќ дека пропаднала големосрпската агресија на Црна Гора, Вучиќ кажа дека на Ѓукановиќ му се привидуваат различни работи од, како што кажа, „некои денови кога му се привидуваа различни соништа“.

„Нека продолжи така, ако нема попаметна работа“, порача Вучиќ и кажа дека нема проблем со тоа тој да му пречи на Ѓукановиќ.

„Тоа е подобро додека на се префрли на српскиот народ и српската црква. Одлично ја разбрав пораката. Немам проблем со ништо, но тој мора да знае дека секогаш ќе го штитам српскиот народ и ќе ја бранам Србија, знам колку опасност носи тоа, знам сè“, истакна Вучиќ.

Тој кажа дека не е момче од 19 години и дека не е неискусен во оваа работа, но дека нема алтернатива.

„Имам една земја и еден народ. А дека секогаш кога не знаете што да правите со својата тешка економска ситуација, бидејќи нема ниту една нова фабрика на северот на Црна Гора, кога имате проблем, за тоа ви се криви Србија, Вучиќ и српската црква. Срам да ви е, доста веќе со тоа“, порача Вучиќ.

Тој кажа и дека Србија секогаш е спремна на разговор и дека на таа држава оние „кои се изјаснуваат како Црногорци“ не ѝ се за ништо виновни, дека тоа се „наши браќа и пријатели“.

„Не ја загрозуваме независноста на Црна Гора, но нема да го шиканирате српскиот народ мислејќи дека никој не смее да одговори – смее и ќе продолжи да одговара“, кажа српскиот претседател.

По повод падот на црногорската влада Вучиќ кажа дека не се занимава со тоа и дека нема, бидејќи тоа е внатрешно прашање на друга држава.

Вучиќ забележа дека тој им е виновен за сè на Ѓукановиќ и на (косовскиот премиер) Аљбин Курти, но дека може со сите да разговара иако, како што кажа, не гледа смисла во разговор ни со Ѓукановиќ ни со Курти.

Вучиќ истакна и дека односите меѓу Србите и Хрватите мора да бидат подобри.

„Но нема да прифатам дека Олуја била легитимна акција и Јасеновац работен логор“, кажа Вучиќ.