Вучиќ: Србија одбива да биде дел од чопорот и тоа предизвикува главоболки

0

Српскиот претседател Александар Вучиќ оцени дека „не била преголемо изненадување“ атмосферата во Европа по откажувањето на посетата на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на Белград.

Посетата на рускиот министер за надворешни работи на Србија, планирана за 6 и 7 јуни, беше откажана откако НАТО членките Црна Гора, Бугарија и Македонија го затворија својот воздушен простор за неговиот авион.

„Не сум изненаден. Ви кажав уште пред неколку дена дека очекувам компликации. Постои скепса во нашата јавност, што и да кажам, тие не сакаат да го слушнат. Не беше тоа големо изненадување, го следевме ние тоа ден за ден. Многу земји забранија прелетување на рускиот министер за надворешни работи“, кажа Вучиќ.

„Мора да изразиме несогласување и незадоволство од вкупната атмосфера поради најавата за доаѓањето на Лавров. Таква хистерија долго, долго не сум видел“.

„Србија како мала земја не смее да постои. Оваа хистерија покажа што сакаат тие. Гледаат дека на Русија не ѝ можат ништо. И потоа се изживуваат врз една мала земја“, кажа српскиот претседател.

Истакна и дека несогласувањето на Србија да биде дел од чопорот е нешто што предизвикува главоболка. „Би сакал некој да сака да разговара бидејќи разговорите се лековити“, кажа Вучиќ. Не мисли, како што кажа, на САД, туку „на малите“, од „Карл Билт до Хрватска“.

„Што се однесува до нашиот однос со Русија, ние сме традиционални пријатели, но го осудивме нападот на Украина. Но нема како претседател на држава да го осудам Достоевски. Што читате ако не го читате тоа? Зарем хистеријата толку далеку отиде? Ајде, кажете ми кој е подобар писател од Достоевски?“, праша Вучиќ.

„Како тоа Вучиќ е лошиот на кој треба да му се скине главата, што го читам на социјалните мрежи, а ќе ѝ го кажете ли утре тоа на НАТО членката Турција затоа што Лавров оди во Анкара? Нема, по сè изгледа, бидејќи можете да бидете така безобѕирни само кон една мала земја како Србија“, кажа Вучиќ.