Газдите нека исплатат плата ако можат, а штом се изгласа законот ќе ја добијат помошта од државата, велат од УЈП

14

Работодавачите кои имаат можност да им исплатат плата на вработените, може истото да го сторат веднаш, а по донесувањето на законот ќе имаат можност да го поднесат барање за добивање помош, велат од Управата за јавни приходи (УЈП).

Четвртиот сет економски мерки на Владата за помош на фирмите погодени од ковид-19 предвидува директна финансиска поддршка за исплата на плати за месеците октомври, ноември и декември. Овој предлог-закон е во собраниска процедура и додека не се донесе фирмите не можат да аплицираат за добивање помош.

„Имајќи го предвид фактот дека законот сè уште не е донесен како и краткиот рок за поднесување на барањето за финансиска поддршка за исплата на платите на работниците, работодавачите кои имаат можност за исплата на платата, може истото да го сторат веднаш, а по донесувањето на законот ќе имаат можност да го поднесат барањето и да направат корекција на МПИН образецот за користење на финансиска поддршка за исплата на платите“, велат од УЈП.

Барањето за финансиска поддршка на работодавачите за исплата на плати ќе се поднесува до УЈП преку системот е-Даноци, a УЈП во рок од 3 дена ќе ја провери и потврди комплетноста на барањето.

„Управата за јавни приходи, го подготви системот е-Даноци за поднесување на Барање за финансиска поддршка на работодавачите за исплата на плати и веднаш по донесувањето на законот и подзаконскиот акт, на интернет страницата, ќе го објави образецот Барање за финансиска поддршка за исплата на платите на работниците ќе го постави на системот е-Даноци за непречено поднесување од страна на работодавачите“, велат од УЈП.