Гарсија: Баерн треба да е среќен што не ги искористивме нашите шанси

10

По седум години пауза, Баерн Минхен ќе игра во финалето на Лигата на шампионите. Тимот на Ханс Флик го совлада Лион и закажа дуел за титула со ПСЖ.

Работите ќе беа различни, ако францускиот претставник ги искористеше шансите во првиот дел. Токму поради тоа жали и тренерот Руди Гарсија кој по мечот беше разочаран од конечниот исход.

„Немавме среќа на почетокот на натпреварот затоа што ги имавме двете најдобри шанси. Ние требаше да водиме, но потоа тие го сторија тоа благодарение на индивидуалниот квалитет на брилијантниот Гнабри. Се чувствувавме како да сме повредени, но не се откажавме ниту во второто полувреме. Иако можеме да бидеме горди на тоа што го постигнавме и како го одигравме овој натпревар, секако дека сме разочарани.

Ја раширивме играта во второто полувреме и Карл Екамби можеше да погоди за 1-2, но Нојер одбрани. Баерн немаше мирна игра и мислам дека, како големи фаворити, тие се среќни што нè победија на овој начин“, рече 56-годишниот стратег.

Серж Гнабри постигна два, а Роберт Левандовски го заокружи полуфиналниот триумф со погодок во завршницата.