Гвардиола: Победата против Лидс е комплимент за сите фудбалери на Манчестер сити

4

 

Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола ги пофали играчите на својот тим по победата од 3:1 над Лидс во натпреварот од 17 коло на англиската Премиер лига, пренесуваат британските медиуми.

Синоќа Манчестер сити стигна до 11 триумф во Премиер лигата на 15 натпревари. Ова беше прв натпревар на „граѓаните“ по паузата поради Светското првенство во Катар.

– Во вториот дел беше потешко отколку во првото полувреме, така ми изгледаше. Пропуштените прилики се дел од секој натпревар. Но, да се победи на овој стадион, против тим кој може да игра брилијантно против екипи како Арсенал и Ливерпул, всушност е комплимент за играчите кои штотуку се враќаат по паузата поради Мундијалот. По Мундијалот никој не знае како ќе реагира, но ние против Лидс бевме одлични со топката – оцени менаџерот на Манчестер сити.

Гвардиола изјави дека Ерлинг Халанд не го достигнал најдоброто ниво на форма бидејќи нè уште не се опоравил од повредата на стапалото. Норвешкиот напаѓач на овој натпревар постигна два гола.

– Воодушевени сме од тоа колку е скромен, од репутацијата што ја има. Извонреден човек, работна етика, тој е голема закана за секој противнички тим. Секогаш е на вистинското место во вистинско време, затоа е толку добар. Мислам дека сè уште не е на најдобро ниво, поради повредите, не му е лесно да го придвижи тоа големо тело, но колку повеќе минути игра, толку подобар ќе биде – рече Гвардиола.

„Граѓаните“ моментно се на второто место во табелата во Премиер лигата, со пет бода помалку од првопласираниот Арсенал.