Георгиевски: Лесни голови од полуконтри би ни биле добредојдени…

0

Македонските ракометари се подготвени за денешното гостување во Злин, дуел на кој треба да се забележи добар резултат во пресрет на неделниот реванш во Скопје.

Гоце Георгевски е еден од најискусните во нашиот табор, ракометар кој настапи и на претходните квалификациски дуели со Чешка во Злин и знае каква атмосфера ќе ги очекува нашите репрезентативци. Според десното крило на Вардар, многу значајно ќе биде од цврстата одбрана да се создадат ситуации за лесни погодоци на спротивната страна.

„Ова е познато место за нас, познат противник. Знаеме дека ќе биде тежок меч, имавме неколку дена да се подготвиме за нив пред видео анализи и тренинзи. Можам да кажам дека се работи за квалитетна репрезентација. Одиграа добро првенство во јануари на кое беа во група со финалистите Шведска и Шпанија. Ние ќе гледаме да го одиграме тоа што го договараме на тренинзите. Мислам дека ако бидеме дисциплинирани, особено во одбраната ќе имаме поголеми шанси за пласман. Можеби повеќе голови би ни одговарале за побрза игра. Градиме таква игра, со таков ритам. Дадовме на ЕП доста лесни голови, иако не ни е усовршено. Но, мислам дека таква игра би ни одговарала на овој натпревар, лесни погодоци од полуконтри би ни биле добредојдени за позитивен резултат“, изјави Георгиевски.