ГЕРБ го предложи за премиер познатиот бугарски неврохирург Николај Габровски

0

Најголемата партија во 48. бугарско Народно собрание – ГЕРБ-СДС го претстави за свој кандидат за премиер Николај Габровски, кој денеска го прими првиот истражувачки мандат од претседателот Румен Радев.

Габровски е началник на Клиниката за неврохирургија во најголемата болница за итни интервенции „Пирогов“ во Бугарија.

Радев на Габровски му соопшти дека очекува во рок од седум дена да предложи состав за нова бугарска Влада што ќе ги исполни високите очекувања на јавноста за стабилност, стручност и одговорност. Претседателот кажа дека како прва политичка сила во Бугарија, одговорноста на ГЕРБ за формирање влада е најголема.

Габровски од своја страна кажа дека за него е должност и прашање на чест да вложи максимални напори Бугарија да има функционална влада.

-За жал, Бугарија во моментов е на раскрсница на многу кризи – економски, социјални, имаме сериозен мигрантски притисок, кажа Габровски.

Според него, во Бугарија во моментов веќе втора година има политичка криза и рече дека ќе направи се што е можно да предложи влада која е далеку од политички разговори и конфронтации.

Кандидатот за премиер на ГЕРБ-СДС има рок од една недела да формира влада. Ако не успее – вториот мандат ќе биде доделен на „Промените продолжуваат“.

Даниел Лаурер од „Промените продолжуваат“ коментираше дека неговата партија нема да поддржи влада на ГЕРБ во Народното собрание, а лидерката на бугарските социјалисти Корнелија Нинова порача дека нема да поддржат влада со првиот мандат.