Германија надмина 100 000 смртни случаи од ковид-19

10

Германија ја надмина бројката од 100 000 смртни случаи од ковид-19 од почетокот на пандемијата, а регистриран е и нов црн рекорд по бројот на новозаразени на дневно ниво. Само во последното деноноќие се регистрирани 351 нов смртен случај, во споредба со 264 една недела порано.

Бројките објавени од Институтот за контрола на болести „Роберт Кох“ (РКИ) покажуваат дека од почетокот на пандемијата во Германија починале 100 119 лица како последица од компликации со ковид-19.

Бројот на регистрирани новозаразени во еден ден, исто така, првпат надмина 70 000. Ова се споредува со 65 371 нова инфекција една недела порано.

Институтот регистрира 5 573 756 заразени со коронавирус од почетокот на пандемијата. Се смета дека вистинската бројка е многу поголема, бидејќи многу случаи остануваат неоткриени.

Бројката на оздравени од ковид-19 во Германија достигна 4 744 400 луѓе.