Германија после Божиќ започнува со масовно вакцинирање против Ковид-19

32

На 27 декември Германија ќе почне со вакцинирање на населението против ковид-19.

Според најавите на здравствените власти прво ќе се вакцинираат лицата во домовите за стари лица.

Одлуката е донесена на состанокот на сојузниот министер за здравство Јенс Шпан и неговите колеги од 16-те германски провинции.

Министерот Шпан ги информирал учесниците на состанокот за претстојното одобрување и испорака на вакцината изработена од компаниите Фајзер и БиоНТех.

Под притисок на Германија, Европската агенција за лекови вчера објави дека ќе донесе одлука за одобрување на вакцината на Фајзер/БиоНТех на 21 декември – една недела порано од планираното.

Вакцинацијата низ цела Европска унија, каде Германија сега има ротирачко претседателство до крајот на годината, веројатно ќе почне на 27 декември.