Германската економија со пад од 9,7 проценти во вториот квартал

11

Германската економија, најголема во Европа, во вториот квартал годинава имаше незначително помал пад од првичните процени, соопшти во вторникот германската државна агенција за статистика – иако падот од 9,7 проценти е сè уште најголемиот откако Германија води ваква статистика.

Федералното биро за статистика го ревидираше намалувањето на економските приходи од 10,1 процент, првично објавени кон крајот на јули.

И покрај ревизијата, ова е досега најголем пад во 50 години колку што се бележат податоци за БДП – надминувајќи го падот од 4,7 отсто во првиот квартал од 2009 година за време на глобалната финансиска криза.

Економскиот пад на Германија е еден од помалку драматичните во вториот квартал меѓу водечките економии во Европа, како резултат на рестриктивните мерки за спречување на ширењето на корона вирусот. Франција, Италија, Шпанија и Велика Британија забележаа двоцифрен пад на вредноста на нивните економии.

Кризата ја уништи посветеноста на германската влада за одржување избалансиран буџет, кој веќе долго време беше гордост на земјата. По неколкугодишна рамнотежа, владата позајми милијарди евра за финансирање на пакет мерките за спас на економијата, за стимулирање на економијата и за покривање на падот на даночните приходи.

Бирото за статистика исто така во вторникот објави дека германските власти потрошиле 51,6 милијарди евра повеќе отколку што зеле во првата половина од годината. Ова резултираше со дефицит на буџетот од 3,2 проценти од годишниот БДП на Германија, во споредба со суфицитот од 2,7 отсто минатата година.

Стаистичарите предупредија дека од таа бројка може да се извлечат „само ограничени заклучоци“ за германската економија на крајот на годината, пренесува Асошиетед прес.