Германски кучиња откриваат ковид-19 со точност од 94 проценти

21

Кучињата навистина можат да разликуваат според мирисот луѓе со и без инфекција, асимптоматски луѓе со ковид и оние со симптоми на ковид.

Германска ветеринарна клиника обучи кучиња кои со мирисање на човечка плунка го откриваат новиот коронавирус со точност од 94 проценти.

Кучињата се научени да го мирисаат „мирисот на корона“ што произлегува од клетките на заразените луѓе, вели Естер Шалке, ветеринар во германското училиште за обука на кучиња.

Филу, тригодишениот белгиски овчар и Џо Кокер, едногодишениот кокер спаниел, се две кучиња кои ја поминуваат обуката на ветеринарниот факултет во Хановер.

– Направивме студија во која кучињата душкаат примероци од позитивни ковид пациенти и можеме да кажеме дека според нашето истражување, веројатноста е 94 проценти дека можат да ги надушкаат заболените – вели Холгер Волк, шеф на ветеринарната клиника.

– Кучињата навистина можат да разликуваат според мирисот луѓе со и без инфекција, асимптоматски луѓе со ковид и оние со симптоми на ковид – додава тој.

Штефан Вајл, премиерот на Долна Саксонија, каде што главен град е Хановер, вели дека е импресиониран од студијата и повика на физибилити студија пред кучињата да се користат во секојдневниот живот, на пример за публика на концерти.

– Мораме да ги тестираме на избрани настани – рече Вајл.

Во Финска, кучињата обучени да надушкаат ковид-19 започнаа да душкаат патници на аеродромот Хелсинки-Вантаа уште минатиот септември, како дел од пилот-проектот за вообичаени методи на тестирање на аеродромите.

Чилескиот меѓународен аеродром Сантијаго исто така користи кучиња како детектори.